ИКТ ВО АГРОБИЗНИС”
Одржана конференција на тема „ИКТ во агробизнис”
На 25ти и 26ти ноември, МАСИТ – ИКТ Стопанската комора организираше конференција на тема „ИКТ во Агробизнис”, во хотел Александар Палас во Скопје. МАСИТ по тринаесетти пат ја организира оваа конференција, како успешен собир на сите чинители од ИКТ заедницата. За прв пат оваа година МАСИТ иницираше соработка со претставниците од aгрoбизнис секторот во земјата и регионот.
Целта на конференцијата беше да се соберат сите чинители од информатичките и комуникациските технологии (ИКТ) и агробизнис индустријата на едно место, да се претстават трендовите во двете гранки, да се идентификуваат можностите за соработка, размена на искуства и најдобри практики, како и да се олесни и поттикне меѓусебната соработка. Основните прашања кои беа покренати на конференцијата се во насока како двете индустрии да соработуваат поблиску во секојдневното работење и како да постигнат што поголеми придобивки од остварената соработка. Темата „ИКТ во агробизнис”, за прв пат оваа година се покренува како тема, а врз основа на потврдените факти дека е огромен потенцијалот за соработка помеѓу овие две индистрии. Имајќи го предвид сознанието дека во светски рамки се зголемува трендот на имплементација на ИКТ решенија во агробизнис индустријата, конференцијата беше од исклучително значење за чинителите кои работат во информатичката и агробизнис индустријата, кои се едни од стратешките сектори кои ја движат македонската економија напред.
Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Г-дин Михаил Цветков, министерката за информатичко општество и администрација, Г-ѓа Марта А. Томовска, Претседателот на Управниот одбор на МАСИТ, Г-дин Стефан Плавјански, директорот на УСАИД мисијата во Македонија, Г-дин Џејмс Стеин, како и Извршниот директор на Datalab Tehnologije, Словенија, Г-дин Андреј Мертељ, се обратија на присутните во рамки на свеченото отворање на конференцијата.
Дополнително, во склоп на конференцијата беа презентирани најновите решенија и трендови од страна на ИКТ компаниите кои воедно ја поддржуваат конференцијата: Datalab Tehnologije d.d, Македонски Телеком, Микрософт Македонија, One.Vip и други.
Исто така за прв пат во рамки на ваков настан, беше организирана и Б2Б сесија каде компаниите од агробизнис и ИТ индустријата имаа можност дирекно да се запознаат и да дискутираат за нивните потреби/решенија, со цел да ја олеснат и поттикнат меѓусебната соработка. Дополнително, во рамки на вториот ден од конференцијата, беше организирана и панел дискусија на жени – претприемачки, како и жени на водечка позиција во нивните организации во агробизнис и ИКТ индустријата во Македонија, кои ја претставија нивната улога и предизвиците со кои се соочуваат во секојдневното работење.
Конференцијата е во линија и со стратешката цел за дигитализација на Европа како и следeње на целите и препораките на документот “Digital Agenda for Europe – A Europe 2020 Initiative”. Исто така конференцијата ќе помогне во припрема на македонската бизнис заедница за учество на фондовите на Европска Комисија: Хоризонт2020, КОСМЕ, ИПА, БалканМед кои се’ повеќе акцент ставаат на финансирање на проекти за развој на вертикални индустрии преку имплементација на ИКТ решенија.
Сите информации во врска со конференцијата како што се заклучоците од конференцијата, фотографии i листа на учесници можете да ги најдете на веб страната на конференцијата www.seeita.org .